Thursday, December 1, 2011

Семјуел Бекет „Чекајќи го Годо“

Семјуел Бекет
(1906 - 1989)

Семјуел Бекет е претставник на театарот на апсурдот, односно антидрамата. Апсурдноста која започнува со егзистенцијализмот во антидрамата е уште понагласена. Таа се постигнува со повторување на исти бесмислици како средство за комуникација и отфрлајќи ги класичните драмски белези.
Бекет е раскажувач, критичар и драмски писател кој својата слава ќе ја здобие со драмата „Чекајќи го Годо“. Таа ќе ги подели мислењата на критичарите, но и ќе го одбележи столетието.
Роден е 1906 година во Фоксрок, во близина на Даблин, Ирска. Студирал француски и италијански јазик на Тринити - колеџот во Даблин, а по дипломирањето заминал во Париз каде работел како лектор по англиски јазик. Во тоа време се запознал со Џемс Џојс, тогаш веќе познат писател со романот „Улис“. Бекет напишал есеј за неговиот роман „Финеган бдее“, и тогаш почнува поактивно да се занимава со пишување. Во текот на Втората светска војна се приклучува во движењето на отпорот, а по војната своите дела ги издава на француски јазик, а потоа ги преведува на англиски јазик.
Негови најзначајни дела се романите: „Марфи“, „Молоа“, „Малон умира“, „Неименливото“; драмите: „Чекајќи го Годо“, „Крај на игра“, „Среќни денови“, „Игра“; и апстрактни, многу кратки драмски акти: „Појди - дојди“ (со 121 збор) и „Чин без зборови“ (нема зборови).
Добитник е на Нобеловата награда за литература во 1969 година.


Чекајќи го Годо

„Чекајќи го Годо“ е антидрама (театар на апсурдот), која претставува празнина, чекање како празно дејство. Во неа има низа дејствија и низа дијалози кои не претставуваат ништо - само празно губење на времето додека се чека нешто што нема да дојде.
Ако животот на Мерсо од Странецот е бесмислен и апсурден, тогаш животот и ликовите во оваа драма се супербесмислени и суперапсурдни.
Темата на драмата е содржана во насловот, чекањето на двата главни лика (Естрагон и Владимир) на Годо, кој им ветува работа и подобар живот.
Идејата е во бесмислата на животот која сепак е поткрепена со надеж за подобра иднина и пронаоѓање на смислата. Надеж, дека утре ќе биде подобро, дека утре можеби ќе дојде Годо.
Во оваа драма сè е релативно. Времето, местото, па и ликовите. Времето е денес, утре и вчера, а можеби и не е. Самите ликови не знаат дали чекале вчера или некогаш порано, а и утре можеби ќе чекаат, ако стигнат на време. Местото е покрај некое дрво, кое можеби е грмушка. Апсурдот на релативизирањето оди до таму што не е сигурно дали е тоа вистинското место каде што се договориле да се чекаат и дали и вчера биле тука или првпат доаѓаат.
Драмата е трагикомедија во два чина, во кои дејството речиси се повторува.


Содржина

На селски пат, покрај едно дрво, навечер, Естрагон седи на една тумба и се обидува да го собуе чевелот. Веќе изморен од напорот што го вложува, кога доаѓа Владимир, тој вели:

Естрагон: Не сака, па Господ!

Во оригиналниот текст, репликата е: “Nothing to be done“, што содржи повеќе значења: не може да го собуе чевелот, но и: нема што да се прави, не може ништо да се направи (измени), како и: здодевно е. Оваа реплика се повторува и неколкупати подоцна во текстот како лајтмотив.
Владимир одговара сфаќајќи го ова на повисоко ниво, а не конкретно на чевелот:

Владимир: Почнувам да го сфаќам тоа гледиште. Целиот живот се обидував да се ослободам од него, велејќи си: Владимир, биди разумен, уште немаш испробано сè. И ја продолжував борбата.

Разговорот продолжува, мило им е што повторно се гледаат, Естрагон кажува дека преноќил во ров, дека повторно го малтретирале и сака Владимир да му помогне да го собуе чевелот. Тој му вели дека треба секој ден да ги собува чевлите за да не го болат нозете. Нивниот разговор е обичен, скокаат од тема на тема и да се раскажува сето она што го зборуваат е бесмислено.
Всушност, содржината на драмата е следната: двајца скитници, Естрагон и Владимир, го скратуваат времето со разговор додека го чекаат Годо. По патот поминуваат Поцо и Среќко (Лаки), малку се задржуваат со нив, па продолжуваат понатаму. На крајот доаѓа Момчето, гласникот на Годо, кој им кажува дека тој сигурно ќе дојде утре.
Во вториот чин, Естрагон и Владимир повторно се наоѓаат на истото место, повторно си го скратуваат времето со разговори, повторно доаѓаат Поцо и Среќко (во малку поинакво издание) и на крајот повторно доаѓа Момчето со истата порака. Соджински, тоа е сè.
Во драмата комични се ликовите, кои личат на кловнови, носат шапки - полуцилиндри и понекогаш со нив играат, меѓу себе се викаат Диди и Гого, комични се и некои дијалози кои граничат со бесмислата, но на крајот сепак се добива трагичен впечаток. Тие го чекаат Годо од кого нешто очекуваат, а не знаат ни што е тоа, ни дали ќе се случи. Всушност Естрагон ништо не знае за него, ниту за некаков договор со него, а Владимир не само што не е сигурен дека името му е Годо, туку не го ни познава, бидејќи кога доаѓа Поцо, дури откако ќе си го каже името тој сфаќа дека тоа не е Годо. Тие не се сигурни дека треба да го чекаат токму денес, токму на тоа место, ниту дека Годо навистина ќе дојде.
Во бесмисленоста на своето постоење ваквиот дијалог меѓу нив е вообичаен:

Естрагон: Ајде веднаш да се обесиме.
Владимир: За некоја гранка? (Се доближуваат до дрвото). Ништо не му верувам.
Естрагон: А што ќе нè чини ако пробаме?
Владимир: Ајде.
Естрагон: По тебе.
Владимир: Не, не — прво ти.
Естрагон: Зошто прво јас?
Владимир: Ти си полесен од мене.
Естрагон: Па токму поради тоа!
Владимир: Не разбирам!
Естрагон: Употреби ја својата интелигенција. Дали можеш?
Владимир ја употребува својата интелигенција.
Владимир: (најпосле): Уште ништо не ми е јасно.
Естрагон: Еве како изгледа тоа... (Размислува). Гранката... Гранката... (налутено). Ма, размисли малку со своја глава! Зарем не можеш?
Владимир: Ти си мојата единствена надеж.
Естрагон (со напор): Гого — лесен!... Гранката — не се крши!... Гого — мртов. Диди — тежок!... Гранката — крши... Диди — сам. Додека, меѓутоа —
Владимир: Види, на тоа воопшто и не помислив!
Естрагон: Ако успееш ти да се обесиш на неа, ќе успеам и јас.
Владимир: Зарем јас сум потежок од тебе?
Естрагон: Тоа ти го рече. Јас не знам. Шансите изгледа се подеднакви. Или барем приближни.
Владимир: Па тогаш што да правиме?
Естрагон: Да не правиме ништо. Тоа е најсигурно.
Владимир: Да причекаме додека да видиме што ќе ни каже тој.
Естрагон: Кој?
Владимир: Годо...
Естрагон: Добра идеја.
Владимир: Да причекаме додека да видиме точно на што сме.
Естрагон: А, повторно, можеби подобро би било да го коваме железото додека не се изладило?
Владимир: Многу сум љубопитен што ќе ни понуди тој. А ние тогаш или ќе прифатиме, или ќе го бакнеме, па ќе го оставиме.
Естрагон: А што всушност, бараме ние од него?
Владимир: Зар ти не беше присутен?
Естрагон: Изгледа дека не слушав.
Владимир: Па, така... ништо конкретно.
Естрагон: Некоја лесна работа?
Владимир: Точно.
Естрагон: Понизна молба.
Владимир: Тоа.
Естрагон: А што одговори тој?
Владимир: Дека ќе види.
Естрагон: Дека не може ништо да вети.
Владимир: Дека би морал да размисли за тоа.
Естрагон: Во мирот и тишината на својот дом.
Владимир: Да се посоветува со своето семејство.
Естрагон: Со своите пријатели.
Владимир: Со своите застапници.
Естрагон: Со своите претставници.
Владимир: Со своите трговски книги.
Естрагон: Со својата сметка во банката.
Владимир: Пред да донесе некоја одлука.
Естрагон: Тоа е нормална работа.
Владимир: Мислиш дека е?
Естрагон: Мислам.
Владимир: И јас така мислам. (Тишина).

Што дознаваме од овој дијалог? Времето го минуваат во разговор за бесењето, како што претходно го поминуваа во разговор за чевлите на Естрагон - ништо поразлично. И кого го чекаат и зошто? Не дознаваме ништо за Годо, ни кој е тој, ни што работи, ни што ветил, ни што поседува. Сè е тука можеби.
Можеби е исто така Естрагон полесен од Владимир, а можеби и не е. Можеби имаат 60, 70 години или како што вели Естрагон за Владимир, би му дал 11 години. Сè е релативно.
Чевлите што едвај ги собува Естрагон на почетокот од драмата и ги остава на патот за некој како него да ги пронајде и да се усреќи, во вториот чин тој самиот ги наоѓа и повторно ги обува, за на крајот пак да сака да ги собуе.
Релативно е и времето, бидејќи утредента кога се сретнуваат, веројатно на истото место, дрвото од црно станало разлистено и зелено. Времето е толку релативно што во еден миг, Поцо ќе извикне:

Поцо: До кога мислите да ме давите со тоа ваше проклето време? Тоа е одвратно! Кога! Кога! Еден ден, зарем тоа не ви е доволно? Еден ден, како што се сите други, тој онеме; еден ден јас ослепев; еден ден оглувевме; еден ден сме родени, еден ден ќе умреме, истиот ден и истиот час - зарем тоа не ви е доволно!?

Односот на минувачите, Поцо и Среќко е уште порелативен. Во првиот чин претставуваат бизарна слика на господар - Поцо, со камшик и долго јаже врзано околу вратот со кое го тера својот потчинет роб - Среќко. Поцо постојано го навредува со зборовите: „свињо“, „мрзо“, „ѓубре“ итн., а освен тоа, Среќко е натоварен со многу глупости кои не ги испушта од рацете: една тешка торба, стол на расклопување, излетничка корпа за храна и капут префрлен на раката. По наредба на својот господар, тој игра и „мисли“ и тоа само ако шапката му е на глава. Во сцената со неговото „мислење“, тој толку се занесува и не престанува со своите филозофски размислувања кои останатите не можат да ги поднесат, па за да го прекинат, мора да го кутнат на земја и да му ја тргнат и уништат шапката.
Во вториот чин, пак тие се јавуваат во поинаква улога и во уште побизарна сцена. Поцо е слеп, а Среќко нем. Среќко е натоварен со сите предмети, но јажето е пократко за да не се загуби Поцо. Поради таа ситуација тие постојано паѓаат и не можат да станат. Ако не им помогнат други луѓе, тие ќе останат паднати, како што вели Поцо „додека не станат“.
На крајот, повторно доаѓа Момчето, кое не се сеќава дека било вчера, ниту ги препознава Естрагон и Владимир - ја носи истата порака - утре!
Тие се свесни за својот безизлез:

Естрагон: Каде ќе одиме?
Владимир: Нема да одиме далеку.
Естрагон: О, да, ќе одиме! Ќе одиме далеку оттука.
Владимир: Не можеме!
Естрагон: Зошто?
Владимир: Мораме утре да се вратиме тука.
Естрагон: Зошто?
Владимир: Да го чекаме Годо.
......................................
Естрагон: Зошто да не се обесиме?
Владимир: Со што?
Естрагон: Немаш малку јаже?
Владимир: Немам.
Естрагон: Тогаш не можеме.
.......................................
Естрагон: Диди.
Владимир: Да?
Естрагон: Јас не можам веќе вака.
Владимир: Така велиш?
Естрагон: А ако се разделиме? Можеби тогаш ќе биде подобро.
Владимир: Утре ќе се обесиме. (Пауза). Ако Годо не дојде.
Естрагон: А ако дојде?
Владимир: Ќе бидеме спасени.


Ликови

Карактеристично за драмското творештво на Бекет е што ликовите се јавуваат во двојки. Едната двојка се Естрагон и Владимир, скитници и неразделни другари, а втората Поцо и Среќко кои се во однос надреден и потчинет.
Ликовите се надополнуваат еден со друг и во своите карактери не се сосема издифиренцирани. Тие се тажни кловнови, чиј живот е сосема бесмислен, бесцелен, исполнет само со празнина и чекање. Чекање на излезот и на спасот.
Естрагон и Владимир речиси не се разликуваат. Естрагон е малку поемотивен, а Владимир поразумен и порационален, Естрагон повеќе заборава, а Владимир малку помалку, на Владимир му смрди здивот, на Естрагон нозете. Тие не можат еден без друг, си помагаат, се чуваат. Неразделни се, иако за време на ноќта се разделуваат, но веќе следниот ден тие повторно се наоѓаат привлекувајќи се како магнет. Кога Естрагон ќе го слушне Владимир дека пее додека е сам, тој љубоморно ќе заклучи дека е среќен без него. Всушност, двајцата биле задоволни што ноќта ја минале сами, но потоа некоја сила ги влече повторно да се доближат. Тие иако се двајца, се чувствуваат како еден и се чувствуваат осамено. Затоа кога ќе се појават Поцо и Среќко, Владимир е среќен што побрзо ќе им помине времето и вели:

Владимир: Сега повеќе не сме сами, чекајќи ја ноќта, чекајќи го Годо, чекајќи
...чекајќи. Цела вечер се боревме, без ничија помош. Сега со тоа е готово. Веќе
е утре.(...) Времето веќе истекува. Сонцето ќе зајде, месечината ќе изгрее, а ние ќе заминеме ... оттука.

Кај другите два лика имаме сосема различна варијанта. Тие се спротивни. Нивниот однос е однос на надреден и подреден; на господар и роб, па според тоа, тие би требале да се одбиваат. Но, и тие се во неразделна врска. Господарот Поцо и покрај сето изживување врз Среќко не може да го оттурне од себе. Среќко прави сè за да му се допадне на господарот и да остане во негова служба. Не го испушта багажот (во кој има песок за да тежи), игра, пее, мисли, врзан е со јаже за вратот на кој му се направиле рани, го трпи камшикот. Нивната спротивност се зголемува кога Поцо ослепува, а Среќко онемува, но тие пак се заедно.

Во современото општество во кое е карактеристично отуѓувањето на луѓето, ликовите насликани во драмата се типични. Неразделните врски се такви поради навиката и неиницијативноста. Често се дружиме со истите луѓе, ги чуваме старите пријатели, зашто ни е тешко да наоѓаме нови, одново да ги запознаваме и да се зближуваме. Тешко е да се направи чекор напред. Посигурно ни е да седиме и да чекаме, отколку да го направиме чекорот кон неизвесното и новото. Дали навистина не постои излез? Изборот што го правиме е слободен, никој не нè ограничува, освен самите ние - заради стравот од непознатото.
Во вториот случај, иако изборот на претпоставените не го правиме, не значи дека мора безусловно да го трпиме јаремот што ни го наметнуваат, а со тоа целосно да го изгубиме нашето достоинство. Во модерното општество сите ние сме на некој начин Среќко, а малкумина се Поцо.

Posted by Билјана at 01:23
Labels: литература, светска литература
08.11.11
„Странецот“ - Албер Ками (прераскажана)
Албер Ками
(1913 - 1960)

Албер Ками е роден во Мондови, мало место во Алжир, во сиромашно земјоделско семејство. Поради немаштијата бил принуден да работи и да се школува. Завршил студии по филозофија, а потоа работел како новинар во Алжир и во Париз. Во 1942 година се приклучува во движењето на отпорот кога ги пишува своите „Писма до еден германски пријател“, во кои го критикува фашизмот. Ја добива Нобеловата награда за литература 1957година.
Загинува во сообраќајна несреќа, 1960 година.
Тој е автор на романите: „Странецот“ и „Чума“, за појаснување на „Странецот“ го напишал есејот: „Митот за Сизиф“, а за „Чума“: „Револтираниот човек“; театарските пиеси: „Калигула“, „Недоразбирање“, „Опасна состојба“ и „Праведници“.



Странецот


Романот „Странецот“ го сочинуваат два дела во кои е прикажано современото отуѓување на човекот од општеството. Тој е полифоничен роман во кој се дава перспективата на општествената стварност и стварноста на поединецот.
Темата во романот е бесмислениот живот на Мерсо и судењето за уште побесмисленото убиство што го извршува.
Идејата е дека треба да ја пронајдеме смислата на живеење бидејќи секој живот има смисол.
Романот е напишан на многу едноставен, дури новинарско-фактографски стил кој остава силен впечаток врз читателот. Во прво лице еднина (јас), главниот јунак ни ги соопштува секојдневните настани гледани од негов агол, со што Ками успеал многу сугестивно да ни ја долови неговата психа, па одбивноста и одвратноста што на почетокот можеби ќе ја почувствуваме, постепено прераснува во сочувство и сожалување.
Уште на почетокот на романот остануваме зачудени од бесчувствителноста и незаинтересираноста на главниот лик - Мерсо.
Романот започнува со:

„Денеска умре мама. Или можеби вчера, не знам.“

Во продолжение дознаваме дека мајка му била во дом за старци, а тој добил телеграма, па затоа не знае кога точно умрела.
Првиот дел на романот е опис на животот на Мерсо, неговото секојдневие, неговата незаинтересираност и бесчувствителен однос кон нештата.
Вториот дел, пак, е приказ на судскиот процес во кој општеството му суди на Мерсо, не толку за убиството што го извршил, колку за овој негов однос.

Содржина

1 дел
По добивањето на телеграмата во која го известуваат дека мајка му починала, Мерсо оди во старечкиот дом, оддалечен 80 километри, да ја закопа. По ручекот во ресторанот на Селест, тој се качува во автобусот и од жештината, труцкањето и мирисот на бензин по патот задремува.
Кога стигнува во старечкиот дом, сака веднаш да ја види мајка си, но чуварот му рекол дека треба прво да се види со управникот. Со него разговараат за мајката, дека таа тука била среќна, дека не му префрла што ја ставил во дом, зашто со него сигурно би и било здодевно, а тука таа си имала пријатели. Управникот го води во мртовечницата каде го дочекува вратарот. Тој се понудува да го отвори капакот од ковчегот, но Мерсо не сака. На неговото прашање: „Зошто?“, Мерсо одговара: „Не знам“. Времето им поминува во безначајни разговори, до вечерта кога доаѓаат и други пансионери на бдеење. Претходно, вратарот му понудува да одат на вечера, Мерсо одбива, но кога му нуди филџан бело кафе тој со задоволство го прифаќа.

„Го испив. Тогаш имав желба да пушам. Но, се двоумев, зашто не знаев дали би можел да пушам пред мама. Размислував, тоа немаше никакво значење. Му понудив цигара на вратарот и запушивме.“

Ноќта заедно со старците тој ја поминува половина дремејќи, а половина анализирајќи ги. Утрото, доаѓаат од закопниот завод и додека Мерсо е кај управителот да потпише некакви акти, повторно одговара со: „Не“, на прашањето: „Дали сака за последен пат да ја види мајка си“. На погребот, од пансионерите му е дозволено да дојде само на Томас Перез, зашто тој бил неразделен од мајка му. По патот кон гробиштата колата одела премногу бргу за него, па тој почнал да заостанува, но покрај горештината, староста и накуцувањето, тој сепак успева да стигне и да и ја оддаде последната почит.
Уште еден дијалог карактеристичен за Мерсо е со службеникот од закопниот завод:

„Малку потоа тој ме праша: „Вашата мајка ли е таму?“ Јас реков: „Да.“ „Стара ли беше?“ Јас одговорив: „Па, така“, бидејќи не го знаев точниот број.

По погребот, Мерсо едвај чека да стигне дома и да се изнаспие. Утредента, тој оди на плажа каде се капе и ја сретнува Марија Кардона, поранешна дактилографка во неговата канцеларија. Таму заедно се капат, лежат, уживаат. Тој ја поканува вечерта да одат заедно во кино и по нејзин предлог гледаат комедија. Ноќта таа ја поминува кај него.
Утредента, недела, за Мерсо е најздодевниот ден кога нема што да се работи. До пладне лежи во креветот и пуши цигари, не оди да појадува кај Селест за да не му поставуваат прашања, па самиот си вари јајца, шета низ станот, чита стар весник и излегува на терасата. Таму поминува уште време набљудувајќи ги минувачите и дуќанџиите до вечерта. Се симнува, си купува леб и паштета, јаде стоејќи и денот му завршува. Тој вели:

„Мислев дека измина уште една недела, дека е мама закопана, дека пак ќе се зафатам со работа и дека сè на сè, ништо не се измени“.

Следните денови ги поминува работно преку целиот ден, само навечер се прибира дома. На скалите го сретнува соседот Саламано со неговото куче. Кучето има некаква болест на опаѓање на влакната и целото е покриено со дамки и кафени красти. Тие се заедно осум години, неразделни и веќе почнале да личат еден на друг. Секој ден Саламано го води на прошетка и постојано го кара, велејќи му: гнасо, мрцино!
Потоа во ходникот влегува и вториот негов сосед Ремон Сентес за кого се зборува дека живее од жени (макро), но тој самиот вели дека е магационер. Тој го поканува Мерсо на колбаси и вино во неговиот еднособен стан. Му кажува дека патем, во трамвајот се закачил со некој маж и се степале. Всушност, тој бил брат на неговата метреса на која тој и плаќал стан, и купувал облека, храна и други потребни работи, а таа ништо не работела. Кога дознал дека таа го изневерува, тој ја истепал до крв, но сега му било криво бидејќи сакал уште да биде со неа. На таа жена, која била Маварка, Ремон сака да и се одмазди, па затоа бара помош од Мерсо, тој да и напише писмо. Мерсо прифаќа, а Ремон воодушевен му вели дека сега му станал вистински пријател.
Викендот, Марија доаѓа кај Мерсо и тие заедно одат на плажа, убаво си поминуваат и ноќта таа повторно останува кај него. Тој ја поканува да остане уште и заедно да појадуваат. Постојано насмеана и убаво расположена, таа го прашува дали ја сака, а тој и одговара дека тоа не значи ништо, но оти мисли дека не.
Додека го подготвуваат појадокот слушаат силна расправија од кај Ремон. Доаѓа и полицијата која ја извлекува девојката од кај него. Но, тој и се заканува дека ништо не е готово и дека повторно ќе ја најде. Го замолува Мерсо да му биде сведок дека девојката го изневерувала, а овој без размислување прифаќа.
Вечерта излегуваат на коњак, а на враќање го сретнуваат соседот Саламано кој го загубил своето куче. Разочаран и вознемирен го барал по сокаците, но не можел да го најде. Ноќта, Мерсо го слуша како плаче по кучето.
Следниот ден, на работа, Ремон му се јавува на Мерсо по телефон и го кани кај некој негов пријател да одат на викенд. Мерсо прифаќа, но кажува дека веќе
и го ветил викендот на Марија, па тој ја поканува и неа.
Шефот го повикува во канцеларијата и му кажува дека планира да отвори канцеларија во Париз и бидејќи тој е млад, му предлага да оди да работи таму. Но, Мерсо вели дека му е сеедно и дека тукашниот живот му се допаѓа. Шефот, разочаран, му префрла дека нема никакви амбиции и дека тоа е кобно за работата. А за вечерта, еве што ќе каже Мерсо:

„Вечерта Марија дојде да ме бара и ме праша дали би сакал да се оженам за неа. Реков дека ми е тоа сеедно и дека би можеле тоа да го сториме ако го сака таа. Потоа сакаше да знае дали ја сакам. И одговорив, како што тоа веќе еднаш го сторив, дека тоа не значи ништо, но дека несомнено не ја љубам. „Зошто тогаш да се ожениш за мене?“ рече таа.(...) Таа забележа дека бракот е сериозна работа. Одговорив: „Не“.

Откако вечера кај Селес, во неговиот стан доаѓа соседот Саламано. Тажен што никако не може да си го пронајде кучето, тој има потреба некому да му се исповеда. Раскажува за својот живот, за тоа дека се оженил доцна и дека не ја сакал својата жена, но дека свикнал на неа. Кога таа починала, тој се чувствувал многу осамено, па затоа го земал кучето. Исто така ја спомнуваат мајката на Мерсо, која многу го сакала кучето и тоа дека соседите го осудувале што ја пратил во дом. Мерсо се оправдува со тоа дека немал доволно пари за да ја издржува и додава:

„Впрочем, има веќе подолго време откако немаше што да ми каже и дека се досадуваше сосема сама.“

Ден пред викендот, Мерсо сведочи дека девојката на Ремон му била неверна и тој бил ослободен со предупредување.
Викендот, кога тргаат кон автобуската постојка со Марија и Ремон, гледаат група Арапи, меѓу кои и братот на девојката, кои ги набљудваат молкома, на „нивни“ начин - како да се камења или мртви дрвја. На почетокот, Арапите не ги следат и тие среќно стигаат во дрвената куќичка на плажа, кај пријателот на Ремон - Масон. Тој бил големо човечиште, со широки рамења, а жена му ситна, малечка и љубезна. Утрото одат на плажа, ручаат и по ручекот мажите одат да се прошетаат. На плажата нема веќе никој, сонцето е високо искачено и сите се прибрани по куќите на одмор. Но, на крајот од плажата Ремон забележува дека им се приближуваат двајца Арапи. Се подготвуваат за физичка пресметка, Ремон прв напаѓа, а Масон го презема другиот и го претепува фрлајќи го во вода. Арапот, со кој се бори Ремон, вади нож и го засекува по раката и по устата. Полека, тепачката стивнува и Арапите се повлекуваат.
Во куќичката им раскажуваат на жените што се случило, а Масон го води Ремон кај некој доктор што во близина имал куќичка. Кога се враќаат, Ремон вознемирен сака да оди повторно да се прошетаат. Овојпат тој со себе зема и пиштол. На плажата нема никој, освен жешкото сонце и тишината. Тие доаѓаат до крајот на плажата, до некое изворче, каде ги наоѓаат Арапите испружени под сенка. Ремон сака да пука во едниот од нив, но Мерсо го спречува велејќи му дека со ништо не е предизвикан. Се договараат Ремон да ги предизвика на тепачка, а Мерсо го зема пиштолот и ако некој извади нож, тој ќе го убие. Но, Арапите мирно се повлекуваат.
Мерсо и Ремон се враќаат во куќарката, но Мерсо од жештината не може да се искачи по дрвените скали и решава да се врати сам на плажата. Ужасната жештина и силното сонце го тераат да оди кај изворчето, во ладовина. Се изненадува што таму го здогледува едниот Арапин легнат на грб. Тој си мислел дека таа работа е завршена. Гледа како тој ја става својата рака в џеб, а и тој во џебот го стиска револверот на Ремон.
Првиот дел од романот, завршува вака:

„Врелината од сонцето ми ги опфати образите и чувствував капки пот како се собираат во веѓите. Тоа беше истото сонце од денот кога ја погребавме мама и како и тогаш, особено ме болеше челото и сите негови вени биеја заедно под кожата. Поради оваа врелина што не можев веќе да ја поднесувам, направив чекор напред. Знаев дека е тоа глупаво, дека нема да се растоварам од сонцето преместувајќи се само еден чекор. Но направив еден чекор, само еден чекор напред. И овој пат, без да се подигне, Арапинот го извади својот нож што ми го покажа на сонцето. Светлината бликна врз челикот и тоа беше како долго светкаво острило што ме погоди во челото. Истиот момент, насобраната пот во моите веѓи наеднаш потече низ клепките и ги покри со млак и густ превез. Моите очи беа заслепени зад оваа завеса од солзи и сол. Ги чувствував само цимбалите на сонцето врз моето чело и нејасно блескавото сечило што молска од ножот, постојано вперен во мене. Овој усвитен меч ми ги бодеше трепките и ми ги копаше болните очи. Тогаш сè се заниша. Од морето се носеше тежок и врел здив. Ми изгледаше дека небото се отвара со сето свое пространство за да истура оган. Сето мое суштество се напрегна и ја стегнав раката врз револверот. Чкрапецот попушти, ја допрев мазната испакнатост на дршката и тука, во татнежот истовремено остар и заглушен, сè почна. Ја истресов потта и сонцето. Сфатив дека ја нарушив рамнотежата на денот, и вонредната тишина на една плажа каде што бев среќен. Тогаш стрелав уште четирипати врз неподвижното тело во кое куршумите се забуцуваа незабележливо. И тоа беа како четири кратки удари со кои почукав на вратата од несреќата.“

2 дел

По затварењето, неколкупати го испрашуваат кратко, за неговите лични податоци, а на Мерсо му личи дека никого особено не го интересира неговиот случај. Оди во канцеларијата кај судијата со кого разговара и бидејќи сам не си одбира адвокат, му доделуваат по службена должност. На почетокот, на Мерсо сè му прилега на игра, на нешто што го читал во книгите и воопшто не ја сфаќа сериозно ситуацијата во која се наоѓа.
Утредента кај него доаѓа адвокатот и го распрашува за приватниот живот, за погребот на мајка му, каде покажал голема бесчувствителност и бара начин да најде оправдување за однесувањето на Мерсо. Но, тој воопшто не му помага и понатаму се однесува незинтересирано, прашувајќи го каква врска има мајка му со неговиот случај. Посакува да му каже дека е тој како другите луѓе, но го мрзи да образложува и го пушта адвокатот да си отиде налутен.
По неколку дена, заедно со адвокатот одат кај иследникот кому му го раскажува целиот ден на убиството: плажата, Ремон, караницата, сонцето, петте куршуми. Тој го сослушува и на крајот го прашува дали ја сакал мајка си, а Мерсо му одговара: „Да, како сите луѓе“. А, потоа, настојчиво го прашува зошто направил пауза меѓу првиот и другите четири куршуми испукани во веќе мртвото тело. Но, Мерсо не може да најде одговор. Жештината почнува да го мачи и во оваа канцеларија полна со муви кои му лазат по лицето. Иследникот, веќе нервозен му ја поттура фигурата со Исусовото распетие под нос и го прашува дали верува во Бога. Мерсо, многу смирено одговара дека не верува. Вознемирен, иследникот му вели дека до сега не видел толку бесчувствителна душа и дека другите криминалци се расплакувале пред таа фигура на болката.
По оваа случка нивните средби се официјални, во присуство на адвокатот и кратки. Мерсо поминува единаесет месеци во затворот. Првите месеци му е тешко, бидејќи размислува како слободен човек, мисли на плажата, на капењето, на Марија; но после тоа почнува да размислува како затвореник, на секојдневните прошетки, на посетата на адвокатот, а остатокот на времето, на мислите за жени и на сеќавањата. Во ќелијата наоѓа парче стар весник со сторијата за некој човек што отишол на печалба, а кога се вратил по 25 години, сакајќи да ги изненади не им кажува на мајка си и сестра си кој е, па тие ноќта го убиваат со чекан, го ограбуваат и го фрлаат во река. (За овој случај Ками ја напишал драмата „Недоразбирање“, а истиот мотив го обработува Р.Крле во „Парите се отепувачка“). Оваа сторија Мерсо секојдневно ја чита.
Во затворот еднаш го посетува Марија, како секогаш насмеана и весела и го утешува дека ќе излезе ќе се венчаат. Потоа само му пишува писма.
Кога започнува судењето го водат во судската дворана преполна со луѓе и ја забележува редицата поротници која го набљудува.

„Имав само еден впечаток: се наоѓав пред една трамвајска клупа и сите овие анонимни патници го демнеа новодојдениот за да откријат на него нешто смешно. Знаев дека е тоа глупава помисла, зашто овде не го бараат смешното, туку злосторството. Меѓутоа, разликата не беше голема и во секој случај таа мисла ми дојде на ум.“

Доаѓаат и новинарите кои малку го надувуваат неговиот случај, поради мртвата сезона на летото.
Во судот, прво го сослушуваат Мерсо, за убиството, за тоа зошто се вратил кај изворот, дали имал намера да го убие Арапот, но и продолжуваат со прашањата за мајка му.
Потоа ги сослушуваат и сите сведоци: управникот на домот за старци, вратарот, Томас Перез - кои кажуваат за неговата мирнотија на погребот, за тоа дека не сакал да ја види мајка му, дека пушел и пиел бело кафе, дека не плачел итн.; Селест застанува во негова одбрана и кажува дека тој е добар човек, дека му е пријател и дека сето тоа што се случило е несреќа; потоа Марија, која иако сака да го одбрани, мора да каже - кога започнала нивната врска, дека биле да гледаат комедија, дека ноќта ја поминала кај него и таа на крај си оди расплакана бидејќи ја приморале да зборува обратно од она што го мисли. Масон и Саламано ги сослушуваат сосема кратко и на крај доаѓа Ремон. Тој веднаш изјавува дека Мерсо е невин и дека сè што се случило е случајно. Дека случајно бил на плажата, дека случајно го напишал писмото за неговата љубовница, дека случајно бил сведок на прељубата, па на суд сведочел од љубезност. Сите овие „случајности“ обвинителот ги искористува поврзувајќи го Мерсо со еден макро и нагласувајќи дека се другари. Бранителот изреволтирано реагира дека на Мерсо му се суди заради неговата бесчувствителност и како ја погребал својата мајка, а не за убиството.
Претресот продолжува утредента и впечатокот на Мерсо е дека сè се одвива без негово учество. Завршните говори на обвинителот и бранителот тој ги слуша рассеано, несконцентрирано, но интересно му е што зборуваат за него и го анализираат. Обвинителот го претставува како интелигентен човек, но бездушник кој ниту во еден момент не го изразил своето каење. Таков човек е непотребен во општеството чии основни правила не ги признава и затоа бара смртна пресуда. Попладенето поротата ја донесува својата пресуда: гилотина на јавно место во име на францускиот народ.
По пресудата го сместуваат во друга ќелија и му нудат исповедник кој трипати го одбива. Размислува да поднесе жалба, а најмногу размислува за зорите од кои станува исплашен зашто претпоставува дека тогаш ќе дојдат да го земат за извршување на казната. Полека, престанува да спие ноќе наслушнувајќи дали доаѓаат чекорите упатени кон него. Во врска со жалбата секогаш си ја претставува најлошата варијанта - таа да биде одбиена и вели:

„Е, добро, значи ќе умрам. Очигледно порано од другите. Но целиот свет знае дека не чини да се живее. Всушност знаев дека е сеедно дали ќе умрам на триесет години или на седумдесет, бидејќи, природно, во обата случаја другите луѓе ќе живеат и тоа за време од илјади години. Со еден збор ништо не беше појасно. Секогаш јас ќе умрам, било сега или по дваесет години. Во тој момент она што ми пречеше малку во моето расудување беше тој страшен скок што го чувствував во себеси при помислата на дваесетте години што можев уште да ги поживеам.“

Кај него повторно доаѓа исповедникот, кој го сожалува заради неговото неверување и неможност да се ослободи и исповеда, го сожалува што не верува дека ќе продолжи да живее на небото. Мерсо не може да го поднесе таквиот тон, се разгневува, го фаќа свештеникот за јаката и почнува да му вика и да го навредува. Очајнички зборува за својот живот и изборот што го направил, за тоа дека не му е грижа за неговите пријатели, за Марија, за тоа дека обвинетиот за убиство е погубен поради тоа што не плачел на погребот на својата мајка. Тоа се последните крици на Мерсо. Неговата побуна против светот во кој живее, неговата побуна против смртта што го очекува. На крајот, тој се смирува и помирува:

„И само се да се сврши, само да се почувствувам помалку сам, ми останува да пожелам на денот на моето погубување да има многу набљудувачи и да ме дочекаат со извици на омраза.“

Ликот на Мерсо

Мерсо е човек на новото време, отуѓен од општеството неприфаќајќи ги неговите норми, атеист по убедување. Тој е слободен човек, со можност за слободен избор. Неговиот проблем е во сфаќањето на таа слобода бидејќи станува незаинтересиран за сè што се случува околу него. Смета дека човековиот живот е безвреден и дека е сеедно како ќе се живее зашто и така мора да се умре. За него е сеедно дали ќе ја види за последен пат мртвата мајка, дали ќе пие кафе и ќе пуши цигари додека и се оддава последна почест, дали ќе се ожени со Марија или не. Се му е сеедно. Деновите ги минува незинтересирано, а кога му се пружа можност да оди во Париз и да напредува, тој одбива. Не сака да промени ништо во својот безначаен живот. Од здодевност го прифаќа и пријателството на Ремон иако знае дека може да си има проблем со законот. Прифаќа да сведочи за него иако знае дека тоа не е вистина. Прифаќа да се замеша во тепачката иако тоа него не го засега. И на крајот таа незаинтересираност ќе го доведе во ситуација да убие човек. Но, тој и понатаму е рамнодушен. Не се вознемирува заради убиствито, не се покајува, не зажалува, па дури и не размислува за тоа. Како ништо да не се случило.
И во текот на судскиот процес е рамнодушен, не го сфаќа сериозно, не се потрудува да каже било што во своја одбрана. Тоа што го кажува е неприфатливо за останатите луѓе - дека заради сонцето и неподносливата горештина - убил.
Само на крајот, кога ја добива смртната пресуда, во него почнува да се буди нешто. Се крева револтот кај него заради неможноста од избор. Пресудата е дефинитивна и конечна. Смртта е конечна. Тогаш за првпат не му е сеедно што нема да поживее уште дваесет години, бидејќи секогаш има шанси за нов почеток и за поинакво сфаќање на работите. Затоа, бидејќи извршувањето на смртната казна е неизбежна, тој помирувајќи се со тоа, сепак посакува барем тогаш околу него да има многу луѓе. Да не биде сам и осамен, како што бил целиот негов живот.

Posted by Билјана at 13:24
Labels: литература, светска литература
07.11.11
Модерна литература - Егзистенцијализам
Модерната литература се појавува кон крајот на XIX, односно почетокот на XX век.
Во тој период капитализмот доживува највисок стадиум - империјализам. Моќните капиталисти се здружувале во трустови зад кои стоела и државата која освојувала колонии - во Африка, Азија и Јужна Амарика каде црпеле богатства и евтина работна сила. Односите меѓу работниците и буржоазијата се заостриле до крај. На повидок биле револуциите на пролетеријатот.
Ваквите општествени услови придонеле да се појави нов правец во литературата - модерната; која обединува многу струења: симболизам, импресионизам, експресионизам, надреализам, дадаизам, футуризам, имажизам, акмеизам итн.
Модерната литература претставува бегање од реалноста, но и потрага по нов уметнички јазик и израз. Сите овие струења ги обединува антитрадиционалистичкиот однос кон литературата и уметноста.
Авангарда е термин за модернистичките интернационални движења од почетокот на XX век: експресионизам, футуризам, дадаизам и недреализам.
Авангардата од симболизмот и импресионизмот се разликува по начинот на сфаќање на животот и уметноста. Симболизмот и импресионизмот оваа разлика ја надминуваат со декадентната личност на уметникот, кој животот го живее како уметност; а авангардата ја поништува разликата со тоа што ја негира самата уметност.

1. Симболизам - се појавува во Франција со девизата „уметност заради уметност“. Претставата за светот и животот се предава во симболи кои само асоцираат на вистината. Симболистите сакаат да сугерираат, да навестуваат, да го оприсутнат постоењето на невидливото, на далечното и отсутното. Со симболизмот започнува модерната литература, а нејзини претходници се: Шарл Бодлер и Едгар Алан По.
Симболизмот се шири во и вон Европа. Во Русија, претставници се: Блок и Бели, во Шпанија: Унамуно, во Германија: Штефан Георг итн.

2. Импресионизам претставува пренесување на импресиите (впечатоците) од и за надворешниот свет. Во импресионизмот се употребуваат многу бои, многу детали и лирски описи, а отсуствува духовната и мистичната страна која е одлика на симболизмот. Тука се инсистира на сетилноста, со што е сроден со натурализмот. Претставници се: Артур Рембо, Рајнер Марија Рилке.

3. Футуризам - е првото движење на авангардата кое се јавува во Италија, 1909 год. Автор и втемелувач е Филипо Томасо Маринети со Футуристичкиот манифест. Тој ја нагласува потребата од ново движење - динамична уметност, во согласност со новото време. Се залагаат за отфрлање на сето претходно во однос на поетскиот јазик и синтакса, употребуваат многу вулгаризми, неологизми, варваризми итн. Ја величаат машкоста, борбените вештини и сопственото јас.
Во рускиот футуризам Владимир Мајаковски успева да ја обедини културната и општествената револуција и да има силно влијание врз уметноста во своето време. Неговите слогани се прифатени како „поезија на улицата“.

4. Експресионизам - се јавува во Германија 1910 - 1924 година. И тој претставува израз на новата урбана култура. Директно му е спротивен на импресионизмот и го нагласува и предимензионира изразот и визијата на катастрофалните состојби: болка, страв, ужас, глад, војна, смрт. И тука се употребуваат многу бои, но тие не се соодветни на природата.
Претставници се: Бертолд Брехт, Франц Кафка, Готфрид Бен, Георг Хајм, Георг Тракл, Оскар Кокошка и др.

5. Дадаизам - (дада - играчка, дрвено коњче) се јавува во Швајцарија за време на Првата светска војна, во циришкото кабаре Волтер. Дада - коњчето е замислено како тројански коњ кој ги симболизира лажните цивилизациски вредности на Западот, особено засилени со безнадежноста во контекст на војната. Духовен водач на групата е Тристан Цара. Дадаистите имаат презирен однос кон уметноста и ја негираат. Сликаат предмети од областа на бесмисленоста и примитивноста, рецитираат бесмислени песни само со нивната звучна страна (музика на шумовите) итн.

6. Надреализам - надвор од реалното. Авторите го мешаат сонот и јавето, тоа се еден вид привидувања, диктат на потсвеста. Се појавува во Франција, а претставници се: Андре Бретон, Луј Арагон, Пол Елијар, Жак Превер и др.


ЕГЗИСТЕНЦИЈАЛИЗАМ


Егзистенцијализмот се појавува во триесеттите години на XX век во Германија, а по Втората светска војна се проширува во целиот свет, а особено е популарен во Франција.
Основен проблем што го разгледува егзистенцијализмот е човековата егзистенција под која се подразбира можноста на човекот да избере како ќе дејствува. Слободниот избор со себе ја носи и неизвесноста и несигурноста, па затоа тука доаѓаат до израз егзистенцијалните проблеми.
Ова учење се јавува во три варијанти:

1. Филозофија на егзистенцијата, која светот го гледа како дехуманизиран и автоматизиран, а излезот го бара во комуникацијата. Нејзин втемелувач е Карл Јаспес.
2. Егзистенцијална филозофија, воведена од германскиот филозоф Мартин Хајдегер според кого егзистира само човекот. Тој разликува: неавтентична егзистенција (кога луѓето живеат според определено клише) и автентична егзистенција (пронаоѓањето на себеси и сопствената слобода).
3. Егзистенцијализам, каде се нагласува слободниот избор на човекот за своите постапки. Ваквата слобода носи одговорност, а и мачнина заради чувството на отуѓеност во светот.
Претставници се: Жан Пол Сартр и Албер Ками.

Posted by Билјана at 11:33
Labels: литература, светска литература
02.11.11
„Павиљон бр. 6“ од Чехов (прераскажано)

Кој е луд во денешново општество? Оној кој без размислување ги прифаќа сите наметнати норми, правила, хиерархиски поделби што мора да се почитуваат, трката по пари како смисла на живот - или оној кој се свртува кон себеси, кон своето осознавање, сопственото изградување и оттргнување од бесмислата на секојдневието во опшетството?
Кој е во затвор? Оној што е зад решетки или оној кој самиот ставил огради во својот живот и не излегува од нив? Оној кој и во својот мал простор читајќи влегува длабоко во просторот на филозофијата или оној кој иако стигнал и до крајот на светот не ги отворил очите и ништо не видел?
Кој има право да ги суди другите луѓе? Кој смее да одлучува што е добро за другиот човек, што е правилно, а што не? Дали осудата и пресудата е секогаш само наша сопствена?
Во подолгиот расказ на Чехов „Павилјон бр.6“ го следиме животот на еден обичен човек, лекар, Андреј Ефимич и уште неколкуте лика во неговото опкружување.
На почетокот од расказот е опишан Павиљонот бр. 6 во кој се затворени лудите, каде едвај има услови за живот, со кревети зацврсени на подот, решетки на прозорците, нерамен под, исчаден кров, сиви валкани ѕидови, каде смрди на рассолница и амонијак што оддава впечаток како таму да се затворени животни. Таму се сместени петмина: едниот е слаб висок малограѓанин кој постојано гледа во една точка, тажи, ја клати главата, јаде и пие кога ќе му дадат, не зборува и не одговара на прашањата; втроиот е евреинот Мојсејко кој е со весела нарав и е единствен кому му е дозволено да излегува, па често оди во градот да просјачи и на тој начин се храни и облекува; третиот е еден дебел селанец со тапо лице, неподвижен, вечно гладен, човек што престанал да чувствува и мисли, човек од кој избива неподнослива смрдеа и кого прислужникот Никита постојано го тепа, но на ударите тој не одговара ни со поглед ни со движење; четвртиот е ситен и итар човек кој некогаш сортирал пошта и кој постојано нешто крие под перницата; и петтиот е најважниот, благородникот Иван Дмитрич.
Иван Дмитрич бил судски пристав и губерниски секретар, а страдал од манија на гонење. Тој бил убаво воспитан, образован, начитан, иако нервозен по природа и остар во своите судови, во градот го сакале и го сметале за подвижна енциклопедија. Во Павиљонот тој понекогаш брзо чекорел од агол до агол зборувајќи за човековата подлост, за насилството што ја задушува правдата, за прекрасниот живот што некогаш ќе се случи на земјата, за прозорските решетки кои го потсетуваат на глупоста и жестокоста на насилниците.
Лекарот Андреј Ефимич речиси никогаш не одел во Павиљонот бр. 6 да ги посети лудите. Тој во младоста бил многу набожен и сакал да стане духовно лице, но под влијание на татко му завршил медицински факултет. Надворешно, воопшто не личел на лекар. Имал тешка, проста, селска надворешност, несмасна снага со која повеќе потсетувал на друмски меанџија, широки плеќи, огромни раце и нозе. Но, неговото движење било тивко и претпазливо а гласот тенок. Воопшто, однесувањето му било несигурно, попустливо, секогаш на другите им давал предност, а кога сакал да јаде или пие тоа го барал на особен начин од својата прислужничка: „Дарјуша, како би било да каснам“. Или кога ќе му дошол пријателот на гости: „Дарјуша, како би било да донесеш пиво?“ Како лекар, во прво време бил многу совесен и внимателен. Работел од утро до пладне, вршел операции, па дури и акучерски прегледи. Но, со време работата му здодеала поради својата бесполезност. Прегледувал по 30-40 болни, односно 12 000 годишно. Тој не ги лекувал и сметал дека се тоа само 12 000 излажани луѓе. Тој си велел: „Па и зошто да им се пречи на луѓето да умираат, ако смртта е нормален и озаконет крај на секого? Што од тоа ако некој трговец или чиновник поживее уште пет или десет години? Ако целта на медицината се гледа во тоа лекарствата да ги ублажуваат страдањата , тогаш несакајќи се поставува прашањето: зошто пак да ги ублажуваат? Пред се, велат дека страдањата го водат човека кон совршенство...“
Со вакви расудувања Андреј престанал да оди во болницата секој ден. Со згрозување ќе прегледал по пет-шест пациенти на ден, а потоа работата ја преземал неговиот помошник Сергеј Сергеич. Рано си заминувал дома, читал многу, половина плата ја давал за книги, а најмногу историски и филозофски и речиси секое попладне го чекал да му дојде пријателот Михаил Аверјанич, единствениот човек од градот кој Андреј можел да го поднесува. Лекарот секогаш го започнувал разговорот, а Сергеј со својата веселост речиси само се согласувал со него или раскажувал некои весели случки од минатото. Андреј постојано кажувал дека во градот нема интелигентни луѓе кои знаат и сакаат да водат умен и интересен муабет. А откако ќе си го испрател пријателот тој повторно се задлобочувал во книгите црпејќи и воодушевувајќи им се на длабоките мисли. Па така, се задлабочувал и во својот живот од чие минато се згрозувал, а и сегашноста не му била многу различна. Додека им го посветувал времето на книгите тој знаел дека 12 000 луѓе биле излажани годишно, знаел дека има болни на кои може да им помогне, дека Никита ги тепа лудите, дека некои пијат вотка и играат карти со болничарките и дека е така веќе 20 години уште откога е изградена болницата. Самата болница била изградена врз грабежи, озборувања, сплетки, кумства, лажење, била гнездо на неморал и штетна за здравјето на луѓето. Андреј Ефимич знаел дека медицината многу напреднала последните години и дека ваква гадост од болница може да има само во безначајно и зафрлено гратче како што е неговото. Последните две години власта малку попуштила и дала пари за подобрување на условите и го испратила младиот лекар Евгениј Хоботов како помош. Тој дошол со својата грда жена која ја претставувал како готвачка и двапати неделно ги прегледувал болните. Не воспоставил нов ред во болницата за да не го навреди Андреј, за кого сметал дека е стар лажго и дека има спечалено многу пари.
Еден ден, Андреј сосема случајно влегува во павиљонот со лудите и таму го започнува разговорот со Иван Дмитрич. Разговор кој ќе го примами повторно да дојде и да доаѓа секој ден:
„- За што ме сметате вие овде?
- Вие сте болен.
- Да, болен. Но, ене десетици, стотици луди шетаат на слобода, затоа што вашето незнаење не е способно да ги различи од здравите. Зошто тогаш јас и овие несреќници сме должни да седиме тука за сите, како јарци на курбан? Вие, вашиот помошник, управникот и сета ваша болничка тајфа во морален поглед сте неизмерно пониско од секој меѓу нас, па зошто тогаш ние да сме тука, а вие не? Каде е тука логиката?
- Моралните односи и логиката тука немаат место. Се зависи од случајот. Кого го седнале тој ќе седи, а кого не го седнале тој ќе шета на слобода. Тоа е се. Во тоа, што јас сум лекар, а вие душевно болен, нема ни морал ни логика, туку само една гола случајност.“
Колку вистина има во овој разговор ќе се види на крајот од расказот, кога „случајноста“ ќе го „седне“ и Андреј зад решетките на павиљонот.
Разговорите секојдневно се одвиваат, Андреј повеќе не оди дома и не го пречекува својот пријател, туку задоволувањето на својата потреба од умен човек и разменување филозофски мисли ја наоѓа во лудницата.
„ - Сега би било добро да се провози човек негде надвор од градот, - рече Иван Дмитрич, триејќи си ги вцрвените очи, како да се будеше - потоа да се врати дома во стоплен, пријатен кабинет и... да се полекува кај некој чесен лекар од болки во главата... Веќе одамна не сум поживеал како човек. А овде е гадно! Неподносливо гадно!
- Меѓу топлиот, пријатен кабинет и овој павиљон нема никаква разлика, - рече Андреј Ефимич. - Мирот и задоволството не се надвор од човекот, туку во самиот него.
- Како тоа?
- Обичниот човек го очекува доброто или лошото однадвор, тоест од кочии или кабинети, а оној што мисли од самиот себеси.“
Овие две спротиставени мислења за среќата и несреќата на човекот се од аспект на човек кој има дом, слобода, можност да прави што сака и човек кој живее во неподносливи услови, затворен зад решетки. И двајцата имаат право, секој за себе. Но, сепак мислата на лудиот Иван Дмитрич победува - дека човековиот живот е чувствување - и внатрешно и надворешно, на студ, болка, глад, тага, среќа. И ако ги нема основните човечки услови за живот тој не е човек туку обично животно. Само ако ги има, може да размислува, да филозофира и да се жали дека му е здодевно.
Честите посети на Андреј Ефимич на Павиљонот бр. 6 почнало да предизвикува чудење кај вработените во болницата, а долгите разговори биле доказ за младиот лекар Хоботов и помошникот Сергеј дека тој се померил од умот. Затоа, Андреј го повикуваат во управата на градот каде го распрашуваат за работата, а всушност го дијагностицираат и заклучуваат дека е болен. Како прв чекор тие му предлагаат да се одмори и да оди на патување со својот пријател Михаил Аверјанич. Иако не сакал да патува и да се одвои од домот, од навиките, од книгите и пивото, тој сепак морал да ја прифати понудата зашто се плашел од поинакви мерки на управата. На патувањето му било здодевно, постојаното зборување и запознавањето со нови луѓе на Михаил го презирал и во почетокот од учтивост го придружувал:
„Еве човекот си го зел одморот и тргнал со мене од пријателство, од великодушност - мислеше лекарот со јад. - Нема ништо полошо од тоа пријателско туторство. Тој, е, еве како да се каже, и добар, и великодушен, и весел, а сепак здодевен. Исто така има луѓе кои секогаш зборуваат само умни и убави зборови, а ти сепак чувствуваш дека се тапи.
Во наредните денови Андреј Ефимич се преправаше болен и не излегуваше од собата. Лежеше на канабето со лицето в ѕид и се мачеше кога пријателот го забавуваше со разговори, или пак здивнуваше кога го немаше него. Се јадеше што тргнал на пат и се лутеше на пријателот, кој со секој ден стануваше се подрдорлив и пораспашан; а никако не му поаѓаше од рака да си ги насочи мислите кон нешто сериозно и возвишено.“
Така, Андреј сосема се повлекува во себе и едвај чека да се врати дома, но со својот попустлив карактер се сложува да одта и во Варшава, каде Михаил освен што постојано шета и се весели, загубува на коцка петстотини рубљи кои Андреј му ги дава како на пријател, без размислување.
Кога се враќаат во својот град, местото на Андреј било зафатено од младиот лекар Хоботов и веднаш го чекале да си најде нов стан за тие да се вселат. Останат без пари по патувањето на кое потрошил 1000 рубљи, без работа, без пензија, почнуваат страдањата на стариот лекар. Па дури и лудиот Иван Дмитрич не сакал да го прими на разговор - бидејќи тој повеќе со никого не сакал да зборува и барал да го затворат во самица.
Андреј веќе се срамел што насекаде должел пари за да се прехрани, дома, само лежел свртен кон ѕидот, понекогаш го посетувал Михаил кој не му ги враќал парите, а тој со стиснати заби едвај го издржувал неговото дрдорење. По некое младиот Хоботов го прелажува дека му треба стручна помош и го сместува Андреј во павиљонот бр. 6. Дури тогаш тој навистина ја сфаќа суровата реалност на затворените пациенти. Никава филозофија не му се врти во глава, а кога му недостасува свежиот воздух, седењето со пиво и цигара - ги добива ударите од прислужникот Никита.
Утредента, со главоболка, ѕунење во ушите и премаленост ги дочекува посетителите кои го распрашуваат, но тој ниту веќе сака да јаде, ниту да пие и само неподвижно лежи, молчи и мисли - колку му е веќе се сеедно. Вечерта умира, а на погребот дошле само Михаил и прислужничката Дарјушка.

прва година

Од врските на насловите лесно може да достапите до содржините што ве интересираат:

1. Наставна програма за прва година стручно образование по македонски јазик и литература

Јазик

1. Наука за јазикот

- Знак; симболи и сигнали;

- Комуницирање, јазикот како средство за комуникација и како систем од знаци

- Видови комуникација

- Функциите на јазикот

- Национален (општонароден) јазик
(Дијалектите на националниот јазик;
Стандарден (литературен) јазик)

- Видови писма

2. Историски развој на македонскиот јазик

- Македонскиот јазик во семејството на (јужно) словенските јазици

- Почетоци на словенската писменост; старословенскиот јазик

- Македонската варијанта на црковнословенскиот јазик

3. Акцент

- Акцентот во македонскиот литературен јазик

- Отстапување од третосложното акцентирање

- Акцентски целости - видови (+ вежби)

4. Фонетика

- Глас и фонема; глас и буква

- говорни органи

- Поделба на гласовите; - Поделба на самогласките - Поделба на согласките

- Гласовни промени: - едначење по звучност;

- редување (замена на гласовите)

- испуштање (елизија) на гласовите (+ вежби од фонетика);

- обезвучување на крајот од зборот (како говорна форма)

5. Правопис

- Употреба на голема буква

- Правопис на некои согласки (ј, ќ, ѓ, л, љ)

- Правопис на броевите

- Удвоени согласки

- Слеано и разделено пишување на зборовите

- Делење на зборот на крајот од редот

- Скратеници и скратување на зборовите

- Интерпункциски и правописни знаци:
- точка

- запирка
- прашалник и извичник
- две точки, точка и запирка
- наводници, загради
- црта (тире), цртичка
- апостроф, надреден знак

Литература

1. Теорија на литературата

- Поим за текст (литературата и јазикот) - Литературата како уметност

- Настанокот на уметноста (видови уметност: просторна...)

- Фолклорот и митот како извори за литературата

- Наука за литературата;

- Поделби на литературата


- Епика: - стих и проза; - наратор, настан, лик, атрибути на ликот, сиже, фабула...;

- епски видови;

- епски видови во стих;

- епски видови во проза (митови, легенди, преданија, народни приказни, анегдоти, гатанки, пословици, поговорки, раскази и романи) - со примери

- Лирика: - особености; стих и проза, лирски субјект;

- лирски видови;

- композиција на песната (стих, строфа, метрика, ритам);

- ритмички стапки

- Видови стихови (силабичен, тонски, силаботонски, скалест, слободен); рима (паралелна, вкрстена, обградена; машка, женска, дактилска)


- сонет, сонетен венец;

фигуративноста на говорот: стилски изразни средства:


- Стилски изразни средства (фонетско-морфолошки: асонанца, алитерација, ономатопеја, парономазија, анафора, епифора, симплоха, палилогија)


- Стилски изразни средства (синтаксички: компарација, антитеза, словенска антитеза, реторско прашање, инверзија, елипса, асиндетон, полисиндетон, градација)

- стилски изразни средства (семантички: тропи: епитет, метафора, алегорија, симбол, метонимија, персонификација, хипербола, литота, иронија, парадокс)


- Лирско-епски видови (балада, романса, поема, роман во стих)

- Драма: - поим за драма, елементи на драмата, композиција - времето и просторот во драмата

- драмски видови

- Литературно-научни видови и публицистика - есеј - биографија, автобиографија - патопис, расправа, статија - репортажа, фељтон, полемика

2. Историја на литература

- Асиро-вавилонска литература; Гилгамеш

- Старохебрејска литература (Стар завет; Песна над песните, Нов завет)

- Древнобалканска (старогрчка) митологија

- избор раскажани митови - „Дедал и Икар“, „Тантал“, „Сизиф“, „Орфеј и Евридика“, „Ахил“, „Одисеј“, „Едип“, „Митот за златното јаболко“.

- Митот за Сизиф (текст)


- Хомер („Илијада“)

- „Илијада“ (прераскажана со илустрации)

3. Средновековна литература;

Почетоци на словенската писменост

- Панонски легенди: житијата на Кирил и Методиј; мисиите

- Охридска книжевна школа - Климент Охридски

- Пофалното слово од Климент

- Црноризец Храбар - О писменех


- О писменех (текстот)


лектири:


македонски народни песни